July 5, 2022

tvvesti.com

секогаш проверени информации

Се тресе престолот на новиот мандатар: Пет партии ја условија поддршката за Владата

Ако во рок од три месеци не се донесат измени на Изборниот законик, пратеници од мнозинството најавуваат дека ќе ја откажат поддршката на Владата, што ќе предизвика предвремени избори.

Пратеници од пет помали партии во владејачката коалиција ја условуваат нивната натамошна поддршка на новата Влада со барање во рок од три месеци да се донесат измените на Изборниот законик. Тие на 12-ти јануари доставија барање до претседателот на Собранието, Талат Џафери, во најбрз рок да се закаже пленарна седница на која ќе се расправа за предлогот за измени на Изборниот законик, доставен пред 11 месеци.

„Повеќе пратеници на 5-ти март 2021 година, до Собранието на Република Северна Македонија доставивме Предлог закон за изменување и дополнување на Изборниот закон. Истиот е ставен на дневен ред на седницата закажана за 18.5.2021 година, (точка 58), но не е започната расправата. Со оглед на важноста на законот, инсистираме во најбрз можен рок да се закаже пленарна седница и да се отвори расправа по Предлог-законот. Со промените се предлага Република Северна Македонија да биде една изборна единица, со пропорционален изборен модел и без праг“, се вели во барањето потишано од пратениците Павле Трајанов (ДС), Маја Морачанин (ДОМ), Моника Зајкова и Боби Мојсоски (ЛДП), Љупчо Балкоски (ВМРО-НП) и Бејџан Иљас од ДПТ.

Ако во рок од три месеци не се донесат измените на Изборниот законик, најавуваат дека тоа ќе значи крај на нивната поддршка на Владата.

Барањето за измени на Изборниот законик беше дел од програмските приоритети на овие партии и инсистираа тие да бидат дел од владината програма, за што и разговарале на консултатативните средби со мандатарот Димитар Ковачевски. Откако дел од тие приоритети влегле во Програмата за работа на Владата 2022-2024, но дел не, петте партии усогласиле заеднички став: поддршката за новата влада да зависи од имплементацијата на програмските приоритети на овие партии.

„Поддршката за новата влада ќе биде условена. Инсистираме во рок од три месеци да се донесат измените на Изборниот законик. Ако во тој период не се донесат измените, тоа значи дека нашата поддршка нема да продолжи и со тоа ќе се предизвикаат предвремени парламентарни избори. Ова не е уцена, туку принципиелен став изграден поодамна, познат и промовиран во повеќе наврати“, вели претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов. Целата статија прочитајте ја ТУКА Извор: курир.мк

EfIhjEhiVZjACvmw