December 1, 2021

tvvesti.com

секогаш проверени информации

Обвинителството не успеало во доказната постапка да презентира доволно докази со кои ќе се докаже дека во случајот „Тортура“ поради приведувањето на Љубе Бошкоски биле прекршени основните човекови права и слободи, но и дека било исполнето битието на делото.

Поради ова, Основниот Кривичен суд донесе решение со кое постапката во случајот „Тортура“ ќе се повтори, а доказната постапка да се дополни на повторените главни расправи во рочишта закажани за 8. односно 14.јули годинава.

На обвинителна клупа во изминативе 50-тина рочишта седеа Мијалков и шест припадници на сега поранешната полициска единица „Алфа“ поради начинот на кој е изведено апсењето пред ресторанот „Воденица“ . Првото рочиште за Тортура беше закажано во март 2018 година. Мијалков е обвинет дека апсењето на лидерот на Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Бошковски е спроведено под негова наредба со цел политичко понижување на неговиот противник.

Бошковски e уапсен по изборите во 2011 година за нелегално финансирање на кампањата и беше осуден на пет години затвор.

Адвокатскиот тим на Мијалков својата одбрана во завршните зборови ја темелеше на ставот дека БЈБ, а не УБК ја водело акцијата за лишување од слобода на Љубе Бошковски. Нема ниту еден доказ дека поранешниот шеф на УБК поттикнал нечовечко апсење на Бошковски во 2011 година, рекоа во судницата адвокатите на Мијалков.

„Според доказите на адвокатите, БЈБ како дел од МВР, а не УБК единствено можела и била овластена да ја планира, организира и врши акцијата за лишување од слобода на Љубе Бошковски онака како што е преземена. Според нив за тоа доказ е и утврдената хиерархија на делот од МВР во која припаѓа единицата Алфа“, изјави адвокатот Петар Василев.

Одбраната смета дека обвинението за случајот се темели на претпоставки и бараше Судечкиот Совет добро да ги разгледа доказите пред носењето на конечната одлука. Адвокатскиот тим побара од Судот ослободителни пресуди за поранешниот шеф на УБК и шестмината обвинети од единицата „Алфа“.

Што се случи, и зошто судот изгледаше како пишманаџија.

Нема пресуда иако според новиот ЗКП ако Обвинителството не успее да докаже вина надвор од разумно сомневање, во тој случај судот е должен да изрече ослободителна пресуда.

Пишманџиско однесување на судот беше дозволено, односно предвидено со стариот Закон за кривична постапка во делот на изведување докази, кога судот имаше можност, односно обврска да изведува докази. Оваа пракса сепак е одамна заборавена, па оттука нелогично е решението со кое судот наместо ослободителна пресуда го врати повторно на одлучување предметот.

Со ова се согласува и професорот Гордан Калајџиев.

– Токму така; одредбата останала како пропуст. Јавното обвинителство имало можност да ги изведе сите докази на судењето. Ако судот од презентираните докази не е убеден (надвор од какво било разумно сомневање) во вината на обвинетиот треба да донесе ослободителна пресуда. Судот нема можност самиот да изведува докази, па затоа враќањето на предметот на (ново) судење нема смисол, вели Калајџиев за Инфомакс.

Практичарите пак не се согласуваат со науката, па во коментар за Инфомакс еден од најреномираните адвокати во земјава Филип Медарски вели дека со новиот ЗКП исто како и во стариот има можност за реотварање на јавната расправа во случај кога постои потреба да се дополни постапката со појасни докази.

– Новиот ЗКП, исто како и стариот, дава можност да се преотвори јавната расправа во случај кога постои потреба да се дополни постапката или да се разјаснат определени прашања.Во пракса, судот ретко ја користи оваа можност.Јавната расправа ја преотвора кога во моментот на донесување на одлука ќе оцени дека изведените докази не пружаат доволна основа за да се одлучи мериторно и дека така донесената одлука би била манлива и подоцна веројатно укината од повисокиот суд, анализира Медарски за Инфомакс.

Ваквата одлука на судот, смета адвокатот, не е исклучиво во корист на ниту една од страните во процесот – одбрана и обвинителство, напротив, и двете страни добиваат нова можност за разјаснување на сопствените тези во процесот.

– И покрај реакциите на двете странки, јас не мислам дека ваквата одлука на судот оди во корист на обвинителството или одбраната. Таа по автоматизам не значи дека обвинителството не успеало да го докаже постоењето на кривично дело.Ако е тоа случај, судот би ослободил, а не би донел ваква одлука. Од друга страна, по новиот концепт на ЗКП, одбраната има своја теза и ваквата одлука на судот можеби значи дека треба да се расчистат некои прашања врзани за тезата на одбраната, смета Филип Медарски.

Сега фокусот во постапката ќе биде на изведување на доказите, врзани за прашањата, кои според судот останале нерасчистени. Пресудата веројатно ќе зависи токму од овие докази, смета адвокатот Филип Медарски во изјава за Инфомакс.

Има ли политички притисок?

Политичкиот притисок се чини дека е сеприсутен, посебно во правосудството, па оттука можеме и да толкуваме дека судијата се чувствувал притиснат да не донесе конечна и јасна одлука.

Притисокот секако може да биде директен и индиректен, а во овој високопрофилиран случај не е исклучена и можноста за директен притисок врз судијата. Сепак, од друга страна, доколку имало директни притисоци врз судијата тогаш речиси со сигурност пресудата би била на штета на одбраната. Но, во оваа ситуација судијата покажал одредено ниво на интегритет па не дозволил да биде предмет на директни притисоци.

Секако, пишманењето околу конечна и јасна одлука може да биде резултат и на индиректниот притисок кој го чувствува судијата – што од јавноста преку медиумите, што од политичкиот ракурс во земјата кој врз случаи како „Тортура“ во кои обвинети се високопрофилирани екс-функционери како Сашо Мијалков печали политички поени.

Сепак, сметам дека оваа одлука судијата ја донел во целосна дискреција без подлегнување на притисок, па водејќи се од потребата за апсолутно исцпрување на сите околности, сметал дека ова е најпогодниот начин.

Адвокатот на Мијалков, Шврговски, очекува ослободителна пресуда.

А.Митовски Извор: Инфомакс.мк